STOP ZA SOFTVERSKOTO PIRATSTVO

Најчесто поставувани прашања од корисниците околу активностите за лиценцирање

 

Скопје, Јули 2001

 

 

П        Сега не е време! Зошто сега да се лиценцирам кога сме во воени услови?

О        Корисниците никогаш не кажале дека сега е време – тоа е природно и нормално да го кажуваат кога треба да платат за софтверот. Ако признаеме дека не е време, тогаш корисниците нека ги исклучат компјутерите и нека не ги користат. Ако и покрај ваквите услови, компјутерите се користат, тогаш треба да платат за софтверот за користење.

 

П        Цените се високи за мојот стандард и не сум во можност да платам.

О        Многу цени за многу производи се високи за нашиот стандард. На пример и возилата се скапи, компјутерите се скапи, итн. Ако секој корисник во својот буџет го планира софтверот како трошок, тогаш софтверот ќе може да го набави лиценцно.

 

Да не заборавиме дека мебелот, возилата и некои други трошоци што ги прават фирмите не се оперативни средства, а се издвојуваат не мали средства за нив. Спротивно, софтверот и компјутерите служат за намалување на трошоците, зголемување на продуктивноста и профитабилноста што значи дека инвестицијата во софтверот е многу исплатлива.

 

Исто така, за различни потреби и различна платежна моќ на корисникот, Microsoft има различни производи (Works наспроти Office, Small Business Server наспроти BackOffice, Windows Me наспроти Windows 2000 Pro, итн.).

 

На крајот, партнерот може да понуди и опции за плаќање на рати на ист начин како што дава поволности при набавка на хардверот.

 

П        Што ќе се случи ако користам нелиценциран софтвер?

О        Користењето на нелиценцираниот софтвер подлежи на санкции според Законот за авторските и сродните права на РМ. Обично инспекторите и полицијата ги придружуваат и инспектори од пазаришната инспекција, трудовата инспекција, даночната инспекција и други служби како на пример од Заводот за индустриска сопственост. Овие активности се координирани со адвокатот на БСА во Македонија – повеќе информации за БСА на www.bsa.org.mk.  

 

БСА заедно со полицијата изврши рација во фирма што се занимава со неовластено дуплицирање на софтвер, како и во продавница што продава нелиценциран софтвер. Во наредниот период, БСА и полицијата ќе направи увид и ќе поднесе кривични пријави кај некои корисници на нелиценциран софтвер.

 

П        Како може да дознам каков софтвер користиме во мојата фирма?

О        Една опција е да обратите на Вашиот добавувач на компјутерска опрема и побарајте дополнителни информации. Друга опција е да проверите дали имате дозвола за користење којашто е во форма на документ на кој пишува End-user license Agreement (анг. EULA). Оригиналното ЦД што го поседувате не е доволна гаранција за легалноста на софтверот.

 

П        Каде можам да набавам лиценцен софтвер на Microsoft?

О        Лиценцен софтвер на Microsoft можете да набавите од овластените продавачи на Microsoft. Целосна листа на овластени продавачи можете да добиете на http://www.loginsys.com.mk/microsoft/.

 

П        Зошто да купувам софтвер од Македонија, кога во Америка е поефтино?

О        Цените на Microsoft на македонскиот пазар се прилагодени со цените во целата Адриатик регија, во која припаѓа Македонија. Цените за некои производи на Microsoft се поефтини од Америка, а некои се номинално поефтини, но кога би се ставиле сите трошоци стануваат поскапи (видете го наредниот пасус).

 

Лиценците за користење на софтверот од Microsoft купени во Америка се валидни за користење само во Америка и Канада. Нивното користење во Македонија е она што обично се нарекува „сива економија“ со што се доведува во прашање легалноста на вака набавениот софтвер.

 

П        Во фирмата имаме купено еден Office и еден Windows пакет. Дали сме легални?

О        Лиценцирањето на производите на Microsoft предвидува дека за секој компјутер на кој се користи некој софтверски производ потребно е да се поседува лиценца. Значи, доколку овие пакети ги користите на еден компјутер, софтверот го користите легално. Доколку истиот софтвер сте го инсталирале на повеќе компјутери, тогаш е потребно да купите и соодветен број лиценци. Microsoft има посебно поволни услови за ваков начин на лиценцирање. Обратете се до вашиот добавувач на опрема и софтвер за подетални информации.